Премиерот Христијан Мицкоски најавува реконструкција на Владата и, според најавите од повеќе страни, процесот веќе започнува со коалициски консултации и изработка на кадровски списоци. Првите сигнали за промени се активни, а се водат разговори за тоа кои министри и директори ќе останат на функциите и кои ќе бидат заменети. Мицкоски вели дека добил информации оти дел од функционерите повеќе ги користеле привилегиите на власта отколку што испорачувале резултати и им порачува дека е фер да си заминат доколку не работеле доволно.
Од Илинденска информираат дека денеска и утре стартуваат разговори меѓу коалициските партнери. Мицкоски ќе разговара со претставници од „Вреди“ и со Димитриевски од ЗНАМ, при што ќе се разгледува усогласување на визијата со коалициските партнери и, зависно од тоа, понатаму и кадровските структури. Според најавите, се очекува задржување на сегашните ресори за двете партии, иако не се исклучуваат ротации. Извесно е дека ќе има нов министер за ресорот добро владеење по оставката на Арбен Фетаи, а се очекува реконструкцијата да заврши до крајот на месецот.