Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) Муамед Сејдини излегува од притвор по три месеци, соопштува Кривичниот суд. Според судските информации, тој за да биде на слобода заложува недвижен имот во вредност над 1,15 милиони евра, преку засновање хипотека. Како дополнителна мерка на претпазливост за обезбедување негово присуство, му се одземени патните документи.
Сејдини бил во притвор од 24 април, поради опасност од бегство и можност за попречување на истрагата преку влијание врз сведоци. Мерката претходно била продолжувана со одлука на Кривичниот совет.
Во обвинувањата против него се наведува сомневање за проневера на 700.000 евра доделени од УЕФА за развој на фудбалот во Македонија, како и злоупотреба на функцијата. Средствата, според наводите, биле наменети за градежни работи на стадионот во Охрид.