Македонија започнува разговори со Европската унија за приклучување кон европската иницијатива „Роаминг како дома“. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска води онлајн состанок со претставници на ЕУ, на кој се разговара за условите под кои Македонија ќе може да им овозможи на граѓаните користење интернет, СМС, повици и други мобилни услуги во земјите од ЕУ по цени како во домашниот сообраќај.
Според информациите, Македонија формира преговарачки тим и испраќа мислење до Европската комисија, како и подготвува пакет законски измени. Наведено е дека по усвојувањето на измените на Законот за електронски телекомуникации и пет подзаконски акти во Собранието, мобилните оператори во земјава ќе треба да се прилагодат на цените за „роаминг како дома“. За темпото на интензивирање на преговорите, Андоновски посочува дека тоа зависи и од ЕУ.